Разговор со Мирослав Симјаноски-менаџер во ексклузивниот ресторан Бакал

Искуството од работата на Карибите го пренесувам во Македонија

photo 1

1. По 4 годишно интернационално работно искуство на луксузни бродови на Карибите, се решивте да се вратите во Македонија, и да бидете дел од успешната приказна на ресторанот Бакал? Како се решивте на овој чекор?

Имав среќа неколку година да поминам на егзотично место како што се Карибите, каде работев на луксузен брод, каде се требаше да биде беспрекорно, услугата врвна, за да се оправдаат илјадниците долари кои луѓето ги плаќаа. Имав можност да запознаам луѓе од различни нации и култури, од најразлични делови на светот, што за мене претставуваше големо искуство. Младо момче од Македонија, оддалечено илјадници километри од дома, со желба да научам многу работи, а пред се најважното односите со луѓето, нешто без кое не може да се развива туризмот, ниту пак угостителството.

Поминав четири навистина интересни години, кои нема никогаш да ги заборавам, но сепак се решив да се вратам дома, во Македонија, тука да пренесам дел од моето искуство, да придонесам и овде да се создаде нешто вредно, на што ќе бидам горд, и со кое ќе може да се пофалиме на светот. Носталгијата е силно чувство, кое може да се доживее само ако се оди надвор од земјава на подолг период. Моето срце биеше за дома, за фамилијата, пријателите, и ете сега сум тука, целосно посветен на новиот предизвик ресторанот Бакал,  од кого сакаме да создадеме раритетна приказна, на која сите Ние ќе бидеме  горди.

2. Колку работите кои ги научивте во странство ги применувате во ресторанот Бакал?

Се обидувам да ги применам секојдневно, колку што можам повеќе. Во странство се работи напорно, професионално, без импровизации, со широка насмевка на лицето за секој гостин, нешто што се трудиме да постои и во ресторанот Бакал. Како од односот кон гостите, во поглед на квалитетот на храната, хигиената, ентериерот и се она што е потребно за  гостите поминат неколку незаборавни часа, во пријатна атмосфера, максимално да се опуштат и да уживаат во храната. Кога успеваме да ги направиме луѓето среќни, ние сме уште посреќни, посебни денес, кога имаме секојдневни грижи, стресови и многу бројни обврски.

3. Кој е специјалитетот кој од срце би го препорачале на вашите гости? И зошто е тој толку посебен.

 Во Бакал има за секого по нешто, и тоа е со највисок квалитет. Ако треба нешто да издвојам, би почнал со свежиот лосос во сос, кој го спремаме на ќумур и со повеќе деликатесни зачини. Тука е и печеното јарешко, кое се подготвува цели шест часа, за да секој залак претставува посебно доживување, а за големите гурмани и љубители на суровото месо би го истакнал татар бифтекот, од свежо телешко месо, отстоено во маслиново масло, зачинето со бројни зачини во оптимална количина, кое е подготвено со многу страст и кулинарско знаење, и за кое јадење не изненадуваат коментарите од гостите дека вакво нешто немаат јадено на ниедно друго место. Но, што и да одберете, нема да згрешите!

4. Со отворањето на ресторанот Бакал, кој се наоѓа во тетовското с. Брвеница многу луѓе и дознаа за ова село, и за првпат го посетија. Колку тоа ви значи како некој кој потекнува токму од ова место, знаејќи дека во голема мера придонесувате за негова промоција.

Секако  дека ми значи. Тоа е можност за промоција на ова тетовско село, но и поттик и понатаму да се развива во најразлични сегменти. Секој од нас треба да биде промотор на своето родно место, и да придонесува тоа да се развива.

5. Дали можете да наведете некои поважни гости кои го посетиле ресторанот?

За нас  сите гости се подеднакво важни, на сите им посветуваме подеднакво внимание и почит, и сме им благодарни што го посетиле ресторанот Бакал. Знаеме дека најдобра реклама е кога некој што веќе го посетил ресторанот, ќе го препорача на некого друг. Ресторанот го посетиле голем број на  јавни личности, амбасадори, министри, спортисти и тие повторно се враќаат што е потврда за нас дека сме на добар пат, а дополнително и мотив повеќе, следниот пат да ги изненадиме со нешто ново.

6. Дали да се биде дел од фамилијарен бизнис е дополнителен мотив и поттик за Вас?

Секако дека е, посебно за некого кој е одговорен и сака да биде продуктивен. Семејството е силна поткрепа во животот, и тоа е нешто што треба да се почитува.

7. Во ресторанот има прекрасна градина, како ретко на кое друго место. Луѓето знаат да дојдат само за да ја посетат, и да испијат кафе во прекрасна природа. Колку таа Ви значи?

Градината многу ни значи, секојдневно се грижиме за неа, и сакаме да биде убава, за да луѓето во неа се чувствуваат пријатно и опуштено. Имаме гости кои покрај за кафе или ручек, доаѓаат кај нас за да направат свадбени фотографии, нешто што само по себе кажува колку градината во Бакал е прекрасна.