Англискиот селектор заработува најмногу, рускиот работи за џабе

Франс Фудбал во пресрет на Европското првенство ги објави платите на селекторите на репрезентациите кои ова лето ќе играат на шампионатот чиј домаќин е Франција. Според истиот извор, деветмина од 24-цата селектори, годишно заработуваат најмалку еден милион евра.

Image

Листата ја предводи англискиот селектор Рој Ходџсон кој годишно од Фудбалската асоцијација на Англија добива пет милиони евра, веднаш зад него е селекторот на Италија, Антонио Конте, со годишна плата од 4,6 милиони евра.

Листата селектори кои имаат милионска плата продолжува со предводникот на турскиот национален тим Фатих Терим (3,5 млн евра), а зад него се Јоаким Лев (Германија, 3,2 млн евра), Винсенте дел Боске кој со Шпанија ќе ја брани титулата (3 млн евра), селекторот на домаќинот Дидие Дешам (2 млн евра).

Австриецот Марсел Колер има плата од 1,5 млн евра, 300.000 евра од него помала плата има португалскиот селектор Фернандо Сантош, а округло милион евра годишно заработува Мартин О’Нил селекторот на Република Ирска.

Интересно, на дното на листата се наоѓа селекторот на Русија, Леонид Слутскиј, кој за својата работа не добива ниту едно евро од националниот сојуз. Слутскиј е тренер на ЦСКА Москва, а на селекторската функција го наследи Фабио Капело, кој со седум милиони евра годишна плата беше најплатениот селектор во светот на фудбалот.