Вардар ја посакува титулата во СЕХА лигата

Вараждин, од петок до недела, ќе биде домаќин на петтото издание на завршниот турнир во регионалната ракометна СЕХА лига. Пласман на турнирот изборија четирите најдобри екипи од регуларниот дел на сезоната, бранителот на титулата унгарски Веспрем, најдобриот македонски клуб Вардар, односно хрватскиот и белорускиот шампион ППД Загреб и Мешков Брест.

Image

Веспрем и Мешков Брест, екипи кои минатата година играа во финалниот меч, ќе играат во првото полуфиналне. Унгарскиот шампион е апсолутен фаворит на овој дуел, а според гласовите на навивачите Веспрем е и фаворит за титулата. Во регуларниот дел од сезоната Унгарците убедливо ги добија двата дуела (31:24, 35:27).

Ако Веспрем е фаворит против Мешков Брест, тогаш во второто полуфинале во кое ќе играат Вардар и ППД Загреб сите опции се можни. Двата тима играат добро оваа сезона, изборија пласман меѓу најдобрите осум во Лигата на шампионите, а во СЕХА конкуренцијата секој од тимовите славеше на домашен терен, Вардар победи во Скопје 33:24, а загуби во Загреб 30:25.

Од двата табора очекуваат неизвесен меч, а македонскиот репрезентативец во дресот на Загреб, Велко Маркоски, изјави дека победникот од овој дуел може да слави и во евентуалното финале против Веспрем.

Миленикот на варадаровите навивачи, поранешниот тренер на „црвено црните“ а сега предвоник на Загреб, Веселин Вујовиќ, фаворитската улога му ја препушти на својот поранешен клуб, додека неговиот колега Раул Гонзалес рече дека Вардар во Вараждин сака да ја освои титулата.

Полуфиналните дуели на програмата се в петок, од 18 часот Веспрем-Мешков Брест и од 20:30 часот Вардар-Загреб. В недела најпрвин ќе се игра натпреварот за третото место од 16:30, а од 19 часот на програмата е финалето.