ДИК ќе ги соопшти резултатите од теренската проверка

Државната изборна комисија, во среда ќе одржи јавна седница на која ќе се расправа за Извештајот за прогресот од вкрстените, теренските и административните проверки заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список.

 Image

Извештајот се однесува на податоците до вторник, 5-ти април, што значи со него се опфаќаат и ажурираните податоци од теренската проверка, што се извршуваше во последните седум дена, кај нешто повеќе од 89.000 граѓани.

Денешната седница на ДИК, треба да биде и одлучувачка за тоа дали изборите ќе се одржат на 5-ти јуни, имајќи предвид на тоа што се смета за орган кој може да констатира дали Избирачкиот список е прочистен и дали има услови за фер, демократски и кредибилни избори.

Инаку, според зацртаното, по одложувањето на првично закажаните избори за 24-ти април, на 5-ти јуни, Собранието треба да се распушти во четврток, 7-ми април.

Одржувањето на предвремените парламентарни избори е обврска преземена од договорот во Пржино постигнат меѓу лидерите на сите четири најголеми партии во државава од власта и опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА, за надминување на политичката криза по објавувањето на ткн. „бомби“ од страна на опозицијата, кога беа објавувани прислушувани разговори меѓу високи државни функционери, но и голем број граѓани.