Другарите сигурни дека „туарегот“ го прегазил Билински, обвинетиот не чувствува вина

Другарите кои биле заедно со прегазениот Иван Билински се сигурни дека „туарегот“ со којшто управувал обвинетиот Џенис Мекиќ го прегазил шеснаесегодишното момче, но сепак обвинетиот пред судот рече дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар, дека на 15-ти ноември минатата година со брзина од 100 километри на час го прегазил Билински.

Image

Неговата одбрана во воведниот збор тврдеше дека во сообраќајната несреќа најверојатно учествувало уште едно возило, црвена „хонда“ за коешто одбраната се сомнева дека првин го удрило Белински.

Адвокатот на обвинетиот, Асмир Алиспаиќ, побара да биде направено вештачење на „хондата“, возило кое според одбраната, пред да се случи сообраќајната несреќа било запрено од страна на полицијата и легитимирано, но возачот веднаш бил пуштен.

Иако одбраната побарала, не е направено вештачењето на „хондата“ од страна  на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, за да се докаже дали „хондата“ учествувала во сообраќајката.

Алиспаиќ тврди дека првичниот удар на Билински најверојатно му е од црвената „хонда“, споредувајќи ја висината на неговите повреди на потколениците и висината на „хондата“.

„Вештачењето, односно кинетичкиот приказ, не соодветствува со исказот на сведоците и изјавата на Џенис Мекиќ. Обвинението е конфузно и несоодветствува со фактичката состојба“, рече Алиспаиќ.

Но, вештакот и другарите кои биле со Билински кога се случила сообраќајката се сигурни дека токму „туарегот“ го удрил Билински.

Вештакот неспорно тврди дека „туарегот“ со брзина од 100 километри на час удрил со долниот дел од предната страна на возилото и дека овој дел од возилото е во висина на скршениците на колената на малолетникот кој загина.

Другарите беа сигурни дека црвената „хонда“ за малку ќе го удрела Билински, но го заобиколила и се качила на тротоарот.

Двајцата малолетници, едно девојче и едно момче, на 15-ти ноември попладнето околу 14 часот заедно со Иван го преминувале пешачкиот премин на семафорите, од Католичката црква кон трговскиот центар „Беверли Хилс“.

Сите тројца тргнале заедно да го преминуваат пешачкиот премин, а семафорите не работеле и цело време трепкало жолтото светло. Возачите на лентите кои се движеле кон населбата „Ѓорче Петров“ ги пропуштиле, а потоа Иван тргнал понапред од нив двајцата.

Првин со голема брзина налетала „хондата“ која го заобиколила Иван и се качила на тротоар, а потоа веднаш наишол црниот „туарег“ кој го прегазил Иван.

Момчето кое било со Иван тврдеше дека „туарегот“ го качил Иван на хауба и го возел можеби 40- 50 метри, потоа застанал и телото завршило кај автопералните во близина.

Иван сé уште давал знаци на живот, а децата веднаш повикале Брза помош, која веднаш дошла, по што повреденото момче било пренесено во Ургентниот центар каде им подлегна на повредите.

Возачот на „хондата“ пред судот даде сосема друг исказ, спротивен на исказите на другарите на Билински.

Тој тврди дека се движел кон центар кога кај ресторанот „Воденица“ забележал некакво светло зад него и почнал од левата лента да се престројува во десната. Кога се приближил до семафорот забележал дека од спротивната страна имало колона возила која застанала најверојатно за да поминат децата, а потоа ги забележал децата.

Тој тврди дека застанал на пешачкиот премин кога видел што се случило и дека возел со нормална брзина за во град, од 50-60 километри на час. Кога застанал забележал како „туарегот“ го удира Иван, а тој продолжил да вози полека и бидејќи бил во шок подзастанал да се замие кај пералните.

Видел возило на Брзата помош, дал исказ во полиција, а после неколку дена дошле и да му го фотографираат возилото.

Одбраната реагираше на сведочењето на возачот на „хондата“, бидејќи оцени дека не соодветствува со тврдењата на другите сведоци.

„Туарегот“ којшто го возел Мекиќ не бил негов, а сопственикот на џипот не е достапен. Самиот Мекиќ тврдеше дека не можел да стапи во контакт со него, бидејќи не му „дигал“ телефон.

Според обвинението кое го товари Мекиќ за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, обвинетиот со „туарегот“ со брзина од 100 километри на час со предниот дел од возилото удрил во Билински.

Момчето се здобило со тешки повреди, скршеници на рбетниот столб, исчашување на пршлени, крвни подливи и доживел трауматски шок од којшто престанала функцијата на важни витални органи и починал.

„Обвинетиот ниту го запрел возилото на пешачки премин, а не ги пропуштил и пешаците кои го минувале пешачкиот преми. Возилото било техничко исправно, со исправен систем за управување и сопирање, а обвинителството располага со доволно докази со кои ќе докаже дека Мекиќ го сторил кривичното дело“, рече обвинителката.

Возачот е на слобода, студирал на стоматолошкиот факултет и работел во стоматолошка ординација во сопственост на неговиот брат.