Една година од вооружената пресметка во кумановско „Диво насеље“

Во понеделник се навршува една година од вооружената пресметка во кумановско „Диво насеље“, која траеше два дена, при што животот го загубија осум припаници на Министерството за внатрешни работи, а четиринаесет беа ранети, додека од напаѓачите загинаа 10-мина.

Image (6)

Во неделата, припадници на посебната единица на полицијата „тигри“ и роднини тргнаа од Куманово преку Скопје сѐ до тетовско на велосипеди, возеа во чест на загинатите колеги за да им оддадат почит.

Денеска, една година по престрелките во „Диво насеље“ денот ќе биде одбележан со активности и церемонии во чест на загинатите на кој покрај блиските и роднините на загинатите ќе присуствуваат и  делегација на Министерството за внатрешни работи предводена од министерот Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савовски и високи полициски старешини заедно со командантите на Единицата за  брзо распоредување и Единицата за специјални задачи.

Деталите за тоа што се случувало пред точно една година во кумановската Дива Населба, викендот на 9 и 10 мај 2015 година, ќе останат затворени за јавноста. Една година по вооружените дејствија, во кои загинаа осум припадници на полицијата, јавноста сè уште е исклучена од судењето на 29 обвинети поради сослушување на заштитени сведоци.

Во престрелките со поголемата вооружена, таканаречена, „кумановска група“ загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои минатата недела посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

Во вооружената престрелка покрај осум припадници на полициските сили беа убиени и 10 припадници на вооружената група, а меѓу нив беа и  водачите Мирсад Ндрецај и Бег Ризај.

макфакс