Европската комисија во четвртокот испрати официјално предупредување до Унгарија, што е прв чекор за покренување на постапка за кршење на европското законодавство, бидејќи смета дека унгарските закони за азил не се согласно европските.

Комисијата не е задоволна од одговорите кои ги бараше од Унгарија во врска со тамошните закони за азил.
„Комисијата поради тоа денеска покрена постапка поради повреда на правата и и испрати официјално предупредување на Унгарија. Унгарските власти сега имаат два месеца за одговор, се вели во соопштението на извршното тело на ЕУ.
За Комисијата се спорни три работи. Првата е тоа што законот не предвидува можност за повикување на нови факти и околности при поднесувањето на жалби во случај на одбивање на азил и што нема автоматска суспензија на одлуката кога барателот на азил поднесува жалба, што за последица е предвидено барателот на азил да биде принуден да ја напушти унгарската територија пред да истекне рокот за поднесување на жалба или пред да биде жалбата разгледана.
Втора спорна работа е што унгарскиот закон не ги почитува одредбите за директивите за правото на превод на јазикот кој е разбирлив за барателот на азил. Унгарскиот закон за забрзана казнена постапка за илегален премин на границата не предвидува можност за преведување на документи или усмен превод на јазик разбирлив за обвинетиот.
Третиот приговор се однесува на одредбата за ревизија на одлуката со која се отфрла барањето за азил бидејќи сослушувањето на барателите на азил не е задолжително, туку е факултативно, што би можело да биде во спротивност со директивата за азил.