Западните војски ги утврдуваат целите на IS во Либија

Американски, француски и британски воени експерти во Либија ги утврдуваат можните цели за воздушни напади врз сили на екстремната сунитска група Исламска држава (IS) во Либија, пишува во неделата The Sunday Times.

Image

Шест британски воени стручњаци им се придружиле на разузнавачки и воени експерти и дипломати од САД и Франција во мисијата за извидување во близна на крајбрежниот град Тобрук, каде што се наоѓа една од двете либиски влади која ја признава меѓународната заедница, за да состават список на „потенцијални цели за можни британски и коалициски воздушни удари“, пренесува весникот повикувајќи се на воени извори.

„Тимовите сакаа да ги утврдат локациите на коишто се пријателските паравоени сили, така што коалициските сили во воздушните удари против Исламската држава да не ги погодат случајно“, рекол неименуваниот соговорник на The Sunday Times.

Пред една седмица според пишувањето на панарапскиот весник Аш-Шарк Ал-Авсат кој излегува во Лондон, повикувајќи се на извори од либиските безбедносни сили, десетици војници од САД, Велика Британија и Русија пристигнале во Либија. Според тврдењето на соговорник на весникот, поголемиот дел од странските војници биле распоредени во воздухопловната база порано нарекувана „Гамал Абдел Насер“, која се наоѓа јужно од градот Тобрук. Според еден од изворите на весниците, војниците од трите земји пристигнале во „разузнавачка мисија и со советодавен мандат за либиската национална армија“.

Но тогаш службата за односи со јавноста на главната команда на војската на либиската влада којашто ја признава меѓународната заедница ги негираше информациите во некои арапски медиуми, дека на територијата на земјата се распоредени странски војници кои треба да дадат поддршка на новата влада на националното единство во справувањето со радикалните исламистички групи.

Американскиот претседател Барак Обама им наложи во четвртокот на своите советници за национална безбедност да ги засилат напорите за да се запре ширењето на Исламската држава во Либија и во другите земји. Американскиот министер за одбрана, Ештон Картер, претходно изјави дека Исламската држава во Либија воспоставува локации за обука во кои носи странски борци, како што претходните години тоа го правеше во Сирија и во Ирак. Портпаролот на Пентагон, истка така, потврди дека се бараат воени опции, како и дека САД испратиле „мал број воен персонал“ во Либија за преку разговори со локалните сили да добијат појасна слика за тоа што таму се случува.

Италијанската министерка за одбрана Роберта Пиноти минатата седмица за медиумите изјави дека нејзината земја размислува за тоа да им се придружи на САД, Франција и Велика Британија во вена интервенција чијашто цел би била стабилизирањето на ситуацијата во Либија. Таа тогаш истакна дека западните земји ќе интервенираат само доколку бидат повикани од либиските власти.

По соборувањето и ликвидирањето на поранешниот либиски челник Моамер ел-Гадафи во октомври 2011 година, Либија се соочува со постојана внатрешна нестабилност поради судирите за превласт на поранешните различни бунтовнички групи. Така се јави двовластието, од една страна избраниот на општите избори парламент кој заседава во источниот град Тобрук, а на другата происламскиот Генерален национален конгрес во чие седиште е во главниот град Триполи.

Голем број од областите воопшто не се контролирани од централните власти, и на нив дејствуваат локални милитантни групи. Тоа го искористи за на либиска територија да се етаблира радикалната сунитска организација Исламска држава, поради што во вторникот, 19-ти јануари, во Либија беше именувана нова влада на националното единство, формирана согласно планот кој го поддржаа Обединетите нации. Претседателскиот совет, формиран според предлогот за решавање на либиската криза, во вторникот ги назначи 32 министри на новата влада.

Користејќи ја безбедносната и политичка криза во Либија во годините по уривањето на режимот на Моамер ел-Гадафи, во текот на 2015 година Исламската држава го зголемила својот контингент од 200 на 5.000 борци во Сирт, предупредуваат аналитичарите.

Во последните неколку месеци забележано е дека пристигнувањето на странските борци во градот Сирт на брегот на Средоземното Море, е нагло зголемен, откако Исламската држава ги повика своите следбеници да се упатат токму во Либија. Покрај тоа, оваа терористичка организација ги вратила во татковината либиските милитанти, кои се бореле во Сирија и во Ирак.

Либиските власти кон крајот на ланскиот ноември предупредуваа оти само прашање на време е кога Исламската држава ќе ги заземе нафтените полиња и рафинериите во близина на Сирт.

Според процените, Исламската држава веќе контролира повеќе од 150 километри од медитеранскиот брег на Либија, од Абу-Греин до градот Нофал. Западните разузнавачки служби сметаат дека терористите може да го користат Сирт, како резервна база, доколку бидат потиснати од Сирија и Ирак.

Борбата со исламската држава во Либија може да биде многу тешка, сметаат американските аналитичари, бидејќи по соборувањето на Гадафи во земјата нема функционална владата, а бројните групи се борат за превласт меѓу себе, а не со исламистите. Соседните земји, пак, се премногу слаби за да можат да преземат воена интервенција.