НАТО во овој момент не би бил способен да ги заштити балтичките земји доколку дојде до руска агресија, оценува американскиот генерал Бен Хоџис, еден од американските воени команданти во Европа, пред самитот на НАТО во Варшава на кој Алијансата би требало да го одобри јакнењето на сојузничките земји на Балтик и во Полска, и воопшто во Европа.

„Вистина е дека Русија многу побрзо би ги освоила балтичките земји отколку што ние би можеле да стасаме да ги браниме“, изјавила генералот Бен Хоџис, командант на копнените сили на НАТО, на маргините од воените вежби „Анаконда 16“, кои се одржуваат во Полска.
Хоџис е согласен со оцените на воените аналитичари, според кои руските војници за 36 до 60 часови би ги заземале главните градови на балтичките земји.
Според извештајот на истражувачкиот центар RAND, објавен во февруари 2016 година, на Русија би ѝ биле потребни „не повеќе од 60 часови, за во рамки на воена интервенција да стаса до престолнините на Латвија и Естонија“.
Американскиот генерал, исто така, ги опишува и различните недостатоци во координацијата на трупите на НАТО за време на маневрите „Анаконда“ во Полска. Според него, проблемите се појавиле при пренесувањето на тешката техника од Западна кон Источна Европа.
На вежбата учествуваат 31.000 војници од 24 земји, а се борат против имагинарниот агресор „Сојузот на црвените“, чија цел се балтичките земји и Полска, со јасна алузија на Русија, за којашто Западот вели дека има наводни агресивни намери кон овие простори
Вежбите се одржуваат пред самитот на НАТО во Варшава на 8-ми и 9-ти јули, кој би требало да го потврди јакнењето на западните сили во источна Европа во близина на Европа.
Овие вежби, на коишто Русија одговори со ненајавени голем маневри во спротивниот правец на своите граници, официјално се водат како полски воени вежби, за наводно да не се иритира Москва.
Претходно седмицава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата го одобриле разместувањето на по еден баталјон со по илјада војници во Латвија, Литванија, Естонија и Полска.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија нема никогаш да нападне ниедна земја членка на НАТО, а сите изјави на челниците на Алијансата се со единствена цел – да го оправдаат разместувањето на повеќе вооружување и повеќе баталјони во Европа, како гаранција дека САД продолжуваат да ја чуваат таа лединка“.