Двајца бегалци уапсени во Австрија, осомничени за поврзаност со нападите во Париз

Двајца бегалци уапсени во декември во Австрија, се осомничени дека планирале џихадистички напади во Европа, а во текот на истрагата се доведени во можна поврзаност со нападите од 13-ти ноември во француската престолнина Париз кога беа убиени 130 луѓе, објавија извори блиски на истрагата.

Image (6)

Алжирец на возраст од 28 години и Пакистанец на 34 години, со лажни сириски пасоши уапсени се на 10-ти декември во прифатен центар во Салцбург, каде што стигнале кон крајот на ноември. Засега не се соопштува преку која рута влегле на австриска територија.

Набрзо иследниците дошле до докази дека најверојатно станува збор за терористи „коишто екстремната сунитска група Исламска држава ги испратила во Европа“. Во моментов се наоѓаат во притвор во Австрија, пишува AFP. Не е соопштена локацијата каде се затворени осомничените.

Алжирецот, според овие сознанија, наводно ѝ се приклучил на Исламската држава во февруари 2015 година, а Пакистанецот и претходно соработувал со пакистански џихадисти за кои се смета дека биле блиски на терористичката мрежа Ал Каеда.

Француската и австриската истрага сега се обидуваат точно да одредат каква улога двајцата одиграле во атентатите во Париз ланскиот ноември. Иследниците велат дека во рамките на истрагите се појавиле мошне интересни коинциденции.

макфакс