СЈО барало изземање на судијката во „Тврдина“ само за Јанкулоска

Специјалното јавно обвинителство побарало изземање на судијата на претходна постапка, Александра Поп Стефанија, само во случајот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Image (2)

Како што објаснуваат од СЈО, основот за барање за изземање на судијката било тоа што Јанкулоска сé уште била вработена во ВМРО-ДПМНЕ, а сопругот на судијката Поп Стефанија, исто така, бил вработен во партијата во огранокот од Неготино.

Поп Стефанија пред да дојде во Кривичниот суд судела прекршоци во Судот во Неготино.

Во четвртокот беше прекинат распитот за Јанкулоска и за неа и за останатите тројца осомничени во случајот „Тврдина“ за кои се бараат мерки за претпазливост, распитот треба да продолжи кога претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, ќе се изјасни дали ќе ја изземе судијката од случајот. Тој има рок од три дена да се изјасни, но со оглед на тоа што следува викенд, одлуката се очекува наредната недела.

На распит во Судот попладнето дојде Началниот на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е првоосомничен во случајот и за него СЈО побара притвор.

Сепак судијката го одби предлогот на СЈО и му одреди мерки на претпазливост односно му ја одзеде патната исправа. Решението за мерката на Судот сé уште официјално не стигнало до СЈО и од таму најавија реакција кога ќе го примат решението.

Јанкулоска во четвртокот беше во судот околу три часа и по распитот изјави дека е спокојна и дека не извршила кривично дело. Го обвини СЈО дека води политичка битка и дека работи по наредби на опозициската партија, СДСМ.

Случајот „Тврдина“ кој го отвори СЈО се однесува на уништвањето на опрема на Министерството за внатрешни работи во времето кога Министерка беше Јанкулоска.

Таа изјави дека управуавњето со опремата е оперативно прашање што го водат
професионалци и не коментираше ништо конкретно зa уништувањето на опремата.

Јанкулоска дојде на распит за овој случај по втор пат бидејќи Кривичниот совет на Судот го врати предметот на повторно одлучување откако судијката ги отфрли барањата за притвор и мерки за претпазливост и ја оспори надлежноста на СЈО.

СДСМ поднесе кривична пријава против судијката оспорувајќи го нејзиното префрлање во Основниот суд Скопје 1.
Грујевски помина неколку дена во притвор кога СЈО го отвори овој случај, но оваа мерка му беше заменета со куќен притвор. Потоа тој беше ослободен со одлуката за аболиција на Претседателот Ѓорге Иванов, но со поништувањето на истата, предметот повторно влезе во судска процедура.