По Brexit и европските десничари со барања за референдум за ЕУ

Набрзо по објавувањето на резултатите од британскиот референдум, низ Европа се огласија и лидерите на десничарските партии, барајќи исто такво гласање за останување или напуштање на ЕУ, пренесуваат светските агенции.

 Image (8)

Лидерката на францускиот десничарски Национален фронт, Марин Лепен ги поздрави резултатите и истакна дека сака сличен референдум и во Франција. „Победа за слободата! Како што барав со години, сега мораме да имаме и ист референдум во Франција и остантите земји на ЕУ“, напиша Лепен на својот твитер профил.

Таа неодамна на состанок на партиите од крајната десница во Виена истакна дека Франција „веројатно има илјада пати поголеми причини од Британија за напуштање на ЕУ“, потсетува AFP. Покрај Лепен, со слично барање излезе и лидерот на холандската евроскептична Слободарска партија, Герт Вилдерс, порачувајќи дека „сега е ред на Холандија да одржи референдум за членство во ЕУ“.

„Ура за Британците! Сега е ред на нас. Време е за холандски референдум“, напиша Вилдерс на Twitter. Тој вети дека доколку биде избран за премиер на изборите во март во Холандија, тогаш ќе повикна на референдум.

Лидерот на кампањата за напуштањето на ЕУ, Најџел Фараџ, претходно изјави дека во случај на излегувањето на Британија од ЕУ би дошло до трка меѓу Данска и Австрија која попрво да излезе од ЕУ, додека министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн спомена дека ова би можело да има „домино ефект на истокот од Европа“.

Граѓаните на Велика Британија на референдумот во четврток изгласаа напуштање на ЕУ, односно за Brexit гласаа 52 проценти од Британците. Резултатите се менуваа неколку пати во текот на ноќта, во еден момент се чинеше дека ќе биде целосно изедначено, но на крајот разликата изнесуваше повеќе од еден милион гласови во корист на излегување на Британија од ЕУ.

макфакс