На дрога во ЕУ се трошат 24 млрд евра годишно

Најпрофитабилната активност на организираниот криминал е трговијата со дрога на којашто граѓаните Европската унија се трошат најмалку 24 милијарди евра годишно, покажува извештајот кој во вторникот заеднички го објавија европската полициска агенција Европол и Европскиот центар за контрола над дрогите и зависностите (EMCDDA).

Image

Во извештајот на околу 200 страници се дава целосна анализа на илегалниот пазар на дроги во Европската унија, од производството до трговијата, дистрибуцијата и потрошувачката, потоа трошоците коишто оваа активност ги предизвикува врз деловниот сектор, владеењето на институциите, семејствата, поединците и околината.

„Нелегалното производство и трговија со дроги останува еден од најголемите и најиновативни криминални пазари во Европа. Имајќи предвид дека станува сé посложен и сé поиспреплетен со другите облици на криминал, дури и со тероризмот, тоа станува главна закана за внатрешната безбедност на Европската унија“, истакна директорот на Европол Роб Вејнрајт, додавајќи дека во решавањето на овој проблем е неопходна соработка меѓу земјите членки на ЕУ.

Трите главни заклучоци од обемниот извештај се: јакнењето на врските меѓу трговијата со дроги и другите облици на криминалот; брзите промени на пазарите на дрогите во врска со глобализацијата и напредните технологии, односно криминалните групи побрзо ја прифаќаат можноста која дава полесен пристап до информациите, интернетот и порастот на меѓународната трговија; и географската концентрација на криминалните групи специјализирани за дроги во границите на ЕУ и на други места, имено покрај веќе постојните области сега се појавуваат и нови, како трговијата со хероин преку јужен Кавказ.

Во извештајот се вели дека Стратегијата ЕУ за дроги за периодот 2013 до 2020 и Акцискиот план 2013 – 2016, даваат рамка за решавање на проблемите илегални дроги во ЕУ во комбинација со националните стратегии на земјите членки. Крајната цела е значително намалување на достапноста на илегалните дроги низ прекинување на трговијата, разбивањето на криминалните групи, поефикасното користење на правосудните системи, подобра соработка на разузнавачките служби и ставање на поголем акцент на прекуграничниот организиран криминал поврзан со дрогите.

Канабисот е најраспространетата дрога во Европа, и се проценува дека на него отпаѓаат 38 отсто од малопрадажниот пазар на дрогите, што на криминалците им носи повеќе од 9,3 милијарди евра годишно. Околу 22 милиони возрасни жители на ЕУ користеле канабис минатата година и околу 1 отсто од возрасните во ЕУ го консумираат секој ден. Поголемиот дел од канабисот на пазарот во Унијата се произведува во Европа, а се зголемува и увозот од Мароко.

На второ место е хероинот, кој носи заработка од 6,8 милијарди евра годишно. Хероинот е и причинител за смрт на голем број зависници. Опиумот главно се произведува во Авганистан, а балканската рута и натаму е главниот коридор за влез на хероинот во ЕУ, иако се забележани и нови рути од Африка, јужен Кавказ, Сирија и Ирак.

Кокаинот е на третото место, а малопродажниот пазар носи околу 5,67 милијарди евра годишно. Колумбиските и италијанските криминални организации се главните снабдувачи со оваа дрога во земјите членки на Европската унија.