Универзитет во Тексас им дозволи на студентите да носат оружје

Универзитетот Тексас во Остин, на југот на САД, им дозволи на студентите да носат оружје во предавалните, иако со тоа не се согласува, но мораше да постапи согласно законот донесен од локалната власт, која ја укина досегашната забрана.

Image
„Мислам дека на пиштолите не им е место во универзитетскиот кампус, таа одлука е најголем проблем со кој се соочив откако сум претседател“, рече деканот Грегори Фенвес.

Расправата поттикната со укинувањето на забраната посебно е чувствителна бидејќи токму Универзитетот Тексас во 1966 година беше местото на првиот масовен масакр  во рамки на некој универзитетски кампус во земјата. Тогаш Чарлс Витман уби 14 луѓе и рани 31, кога отвори оган од кулата со часовник што служеше како опсерваторија.

Неколку членови на факултетот се заканија дека ќе ја напуштат оваа образовна институција.

Парламентарните пратеници на оваа конзервативна држава им попуштија на лобистите кои заговараат носење оружје, уверени дека редица масакри во американските образовни установи  можеле да се избегнат доколку студентите имале оружје.

„Рачното оружје во високошколските установи е спротивно на нашата образовна и истражувачка мисија, втемелена на испитување, слобода на изразувањето и расправа“, рече Фенвес.

Тој нагласи дека приватните универзитети во сојузната држава Тексас и натаму забрануваат оружје во кампусот.

Универзитетот Тексас е високо ценет и еден од најстарите, а на него студираат околу 51.000 студенти.