Пјонгјанг најави продолжување на лансирањата и покрај осудите

Северна Кореја потврдувајќи го во неделата уште еднаш лансирањето на ракетата со долг дострел за што тврди дека со неа во орбитата поставила сателит за набљудување на Земјата и покрај осудите за кршење на санкциите од Обединетите нации, објави дека има намера да продолжи да лансира ракети со кои во Вселената ќе носи сателити.

Image

„Државната агенција за истражување на Вселената, во согласност со политиката на Работничката партија на Кореја за давање на приоритетот на науките и технологиите, ќе продолжи да лансира ракети“, го пренесува руската новинска агенција Интерфакс соопштението на севернокорејскиот амбасадор во Москва.

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, го осуди во неделата севернокорејското користење на „технологијата на балистичките ракети“ по „новото тешко кршење“ на меѓународните обврски и го повика Пјонгјанг на дијалог, пренесува агенцијата AFP.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Шрајнамер, кого го цитира агенцијата DPA, исто ката се придружи на осудите. „Силно го осудувам денешното лансирање на балистичка ракета што го изведе Северна Кореја. Таа земја повторно ги игнорираше предупредувањата од меѓународната заедница“, изјави шефот на германската дипломатија, нарекувајќи го лансирањето „неодговорна провокација“ која ја загрозува регионалната безбедност.

Франција, исто така, ја осуди „неразумната провокација“ на северна Кореја и повика на „брза и остра реакција на меѓународната заедница во Советот за безбедност на ОН“, кој се состанува во неделата во Њујорк. На осудите се приклучи и британската влада која бара „силен одговор“, доколку Северна Кореја продолжи да ги крши резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Силно осудувајќи го севернокорејското лансирање, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека со тоа директно се прекршени пет резолуции на ОН, во кои се повикува Пјонгјанг да ги запре сите активности во врска со неговата програма за балистички ракети, повторно да воведе мораториум на лансирањата и да не спроведува натамошни нуклеарни тестирања користејќи ја балистичката ракетна технологија.

„НАТО продолжува да ги повикува севернокорејските власти да ги почитуваат своите обврски кон меѓународното право, да не загрозуваат со лансирања или да не спроведуваат никакви лансирања користејќи балистичка ракетна технологија, како и да се воздржат од натамошни провокации“, се наведува во писмената изјава на Столтенберг којашто ја објави службата за односи со медиумите на Алијансата.