По акцијата „Којот“, побаран притвор за девет лица

Скопје, 21 јули, 2016 – 10:22 (META) 
800px-AEK_Javno_obvinitelstvo_i_finansova_politsija_Ministerstvo_za_nadvoreshni_raboti_4

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје во предметот „Којот“ донесе наредба со која се спроведува истражна постапка против 16 лица поради основан сомнеж дека организирале група и поттикнувале трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти, неовластено производувале и пуштале во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и недозволено изработувале, држеле и тргувале со оружје или распрскувачки материи.

„Осомничените подолг временски период како група на организиран начин вршела прифаќање и превоз на мигранти низ територијата на Република Македонија од Република Грција кон Република Србија. При тоа врз мигрантите има извршено и разбојништва, така што припадници на групата ги пресретнувале мигрантите и лажно им се претставувале како припадници на македонската полиција, при што со употреба на сила им ги одземале паричните средства, мобилните телефони и други предмети.
Постои основан сомнеж дека истата група го сторила и разбојништвото на 8 февруари 2016 година во Велес, кога од возило на агенцијата „Перпетум мобиле“ се одземени 4.000.000 денари, како и дека на организиран начин вршеле недозволена трговија со наркотични дроги и недозволено држеле оружје. Во акцијата е пронајдено дел од оружјето – автоматски пушки, пиштоли и бомби. Во рамките на истрагата, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара од надлежниот судија да се определи мерка притвор за девет лица. До овој момент постапката е завршена против три лица и им е определна мерка притвор во траење од 30 дена, а за другите постапката е во тек“, стои во соопштението од Обвинителството.