Исландскиот премиер си поднесе оставка

Рејкјавик, 31 октомври, 2016 – 11:34 (META) 
island

Исландскиот премиер, Сигурдур Инги Јохансон, вчера поднесе оставка откако на предвремените парламентарни избори ниту една партија не освои мнозинство, отворајќи пат за интензивни преговори за состав на нова влада.

Објавата за оставката следи откако неговата Напредна партија претрпе пораз на изборите во саботата, освојувајќи само осум места во парламентот. Во претходниот состав на парламентот, партијата на Јохансон имаше 19 од вкупно 63 претставници.

Јохансон рекол дека неговата одлука е во согласност со Уставот, чии одредби налагаат да ја врши функцијата до формирањето на нова влада.

Претседателот Гудни Јохансон би требало да го довери мандатот за создавање нова влада на министерот за финансии Бјарни Бенедиктсон, чија Партија на независноста освои 21 место на изборите.

Напредната партија ја чинеше владејачката коалиција со малцинскиот партнер Партија на независноста, но беа свикани предвремени избори откако претходникот на Јохансон, Сигмундур Давид Гунлаугсон, беше принуден да поднесе остава по обелоденувањето на скандалот „Панама пејперс“ во април.

Во документите беше откриено дека дотогашниот премиер Гунлаугсон и неговата сопруга имале офшор-компанија на британските Девствени Острови. Гунлаугсон понуди оставка по масовните протести во април, иако тврдел дека ништо не згрешил.

Сепак, неговата оставка не ги сопре протестите, па владата одлучи да го скрати својот мандат и да распише предвремени избори, иако редовните требаше да се одржат напролет следната година.

Радикалната Пиратска партија и трите сојузници од левиот центар добиле 27 места во парламентот на изборите во саботата, но не успеаја да формираат мнозинство.