Истрагата за личните карти е тајна, а во јавноста се пласираат детали

Основното јавно обвинителство – Скопје како надлежно обвинителство согласно законската регулатива, оформи предмет за настанот со наводно фалсификувани лични карти, но не е во можност да соопшти детали.

Image

„Во тек е предистражна постапка во која досега е прибавена релевантна писмена документација и потребни податоци. Во тек е спроведување на истражни дејствија, за кои во моментов не сме во можност да споделиме детали. Имено, согласно член 289 од Законот за кривична постапка ‘сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна’“, се вели во соопштението од Обвинителство.

Од друга страна, во четврток, заменик министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, изјави дека Државната изборна комисија и Јавното обвинителство потврдиле дека фалсификуваните лични карти не се користеле на изборите и дека имињата на овие исправи не фигурираат во избирачкиот список.

Во петок, пак, Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, рече дека „фабрикуваниот случај со личните карти“ всушност е обид за создавање алиби од страна на СДСМ за поразот што ги очекува на изборите во април.

„Јавноста ги слушна овие факти преку медиумите, но за жал, не ги слушна преку техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Г-не Спасовски, ако мислевте да сокриете и да одмолчите, вистината нема да се сокрие и да одмолчи. Ако господинот Спасовски мислеше дека вистината нема да допре до граѓаните и до јавноста, и дека ќе остане да виси сомнежот од аферата дека фалсификуваните лични карти што ги објави неделникот Фокус, можеби биле употребувани на изборите, сепак, фактите се позначајни од манипулациите. Оливер Спасовски мислеше дека ако остане сомнежот, тогаш граѓаните нема да сфатат дека можеби единствената цел на оваа афера била токму да се нарушува угледот на институциите и на државата Република Македонија, се со цел да се покрие изборниот неуспех во минатото и во иднина на СДСМ“, рече Милошоски.

Тој го повика Спасовски да одговори кој стои зад аферата „фабрикувани лични карти“.

„Кој ја пласира оваа афера, со оглед на тоа што се работи за медиум близок на вашата партија? Кој нарачал да се изработат овие фалсификувани лични карти? Кој одлучил тие да бидат предадени токму на неделникот Фокус, близок до СДСМ? И кој одлучил дека е добро, и Фокус и Вие како технички Министер да отпочнете медиумска кампања без да имате каква било потврда за сомневањата дека фалсификуваните лични карти биле употребени или злоупотребени од некого за гласање? Г-не Оливер Спасовски, дали сфаќате дека Вие и неделникот Фокус усогласено ги обвинувате и понижувате вработените во МВР каде што сте технички министер? Ова е недостојно однесување“, рече Милошоски и од Спасовски побара извинување на целокупната јавност.