Кина ја прослави Годината на мајмунот, но со скромни огномети

Кина во неделата во полноќ по локално време влезе во Годината на мајмунот, што е најголемиот празник во годината за стотиците милиони луѓе кои учествуваат во прославата на лунарната нова година.

Image
Меѓутоа, како и неколкуте изминати години, користењето на огнометите и петардите беше ограничено на многу места на коишто се славеше кинеската нова година, за да се намали загадувањето на воздухот и да се спречат пожарите.

Во Шангај, најголемиот кинески мегалополис со 23 милиони жители, властите првпат издадоа забрана за користење петарди и ракети во центарот на градот. Минатата година поради чадот од пиротехничките средства кои според верувањето треба да ги избркаат злите духови на почетокот од новата година, нивото на загадување на воздухот неколкукратно го надмина нивото кое го препорачува Светската здравствена организација.

Во престолнината Пекинг властите предупредија дека може да воведат забрана во последен час, доколку загадувањето достигне опасно ниво.

Кинеската нова година којашто се нарекува по еден од дванаесетте знаци на кинескиот хороскоп, е можност десетици милиони луѓе да ги посетат своите семејства во родните краеви. Се проценува и дека годинава околу 690 милиони луѓе ја следеле новогодишната телевизиска програма, со што е најгледаната телевизиска емисија во светот

Многу млади брачни двојки го планираат раѓањето на детето во оваа година, бидејќи постои верување оти децата родени во Годината на мајмунот се сигурни во себе, паметни и креативни.