Кинезите развиваат соларни панели што ќе генерираат енергија од дождовни капки

 

Развојот на технологијата која би овозможила соларните панели да можат да ги искористат дождовните капки за производство на електрична енергија сѐ уште е во експериментална фаза, иако научниците веруваат дека ќе успеат да го направат она што на многумина им изгледаше неверојатно.

Image

Битката за „зелената енергија“ е всушност битка за Земјата, а доколку успее новиот концепт тоа би можело да биде огромен чекор напред во зачувувањето на планетата. Секако, главно прашање е колку целата приказна ќе го чини обичниот човек, бидејќи ниту соларните панели, без оглед што речиси сите земји даваат субвенции за вградување, сѐ уште не се толку ценовно прифатливи за масовно вградување.

Еден од главните параметри на пресметката за вградување на соларни панели е бројот на сончеви денови. Што помал број сончеви денови, тоа границата на исплатливост е пониска, односно потребно е повеќе време да се вратат вложените средства, но кинеските научници развиле посебни соларни панели кои можат да произведуваат енергија од дождовни капки. Соларните ќелии се прекриени со дебел слој на графен, на кој се задржуваат дождовните капки создавајќи еден вид на природен кондензатор, поедноставно кажано разликата во енергијата на електронот на графенот и ионот од водата произведува електрична енергија. На овој начин се елиминира најголемиот проблем на актуелните соларни панели, бидејќи сонцето повеќе не е единственото што е потребно за производство на електрична енергија.

Во оваа фаза најголем проблем е ниската енергетска ефикасност во однос на класичните соларни панели, кои имаат ефикасност од 22 отсто при претворањето на сончевата енергија во електрична. За разлика од нив, панелите што ги развиваат Кинезите имаат само 6,5 отсто просечно при претворањето на енергијата. Доколку успеат тоа да го решат, ова би можело да биде едно од најдобрите, ако не и најдобро решение за совршена зелена енергија.

макфакс