Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц во понеделникот во Сараево предупреди дека членките на Европската унија (ЕУ) немаат капацитет да примат толку голем број на бегалци како во 2015-та година, додавајќи исто така дека Македонија не може сама да го сноси товарот на големиот прилив на бегалци, при што клуч на проблемот тука е Грција.

Курц ги повикал сите држави кои се погодени од мигрантската криза на соработка, бидејќи доколку проблемот не се стави под контрола, тогаш би можело да дојде и до дестабилизација на западен Балкан, пренесува агенцијата Hina.
Австрискиот министер потенцирал дека бегалската криза е проблем за сите држави членки на ЕУ и дека тие мора да делуваат заеднички со западниот Балкан за да го спречат неконтролираниот прилив на економските мигранти.
„Мораме да го ограничиме приливот на бегалците. Минатата година во Австрија примивме 90 илјади бегалци, а оваа година не можеме да го сториме истото. Благодарни сме на соработката со земјите како што е Македонија, но нажалост од страна на Грција немаше поголемо поместување“, рекол Курц, додавајќи дека нереално е да се очекува дека Македонија може сама да се носи со еден толку голем проблем.
За грчката влада додал дека таа не е подготвена да ја прифати помошта од ЕУ во решавањето на мигрантската криза. Според него Грција е клуч на проблемот, бидејќи бегалците таму можат да бидат безбедни, а властите во Атина само ги префрлуваат во другите членки на ЕУ.
„Германија, Австрија и Шведска не можат бесконечно да примаат бегалци. Мора да ја сопреме неконтролираната миграција“, рекол Курц, појаснувајќи дека моменталната цел е да и се олесни на Македонија, бидејќи во спротивно проблемите би можеле да го зафатат целиот западен Балкан. Сараево е првата станица од регионалната посета на Курц, за време на која тој ќе ги посети балканските држави кои се погодени од мигрантската криза.