ЛШ: Кавани херој на ПСЖ, Жонас на Бенфика

ПСЖ и Бенфика стекнаа предност во првите осиминафинални мечеви во Лигата на шампионите. ПСЖ го совлада Челзи со 2:1, додека Бенфика минимално славеше над Зенит.

Image

ПСЖ силовито го започна дуелот против Челзи, повеќе ја контролираше топката, беше подобар противник, иако и Челзи имаше свои шанси да го избегне поразот.

Ибрахимовиќ го постигна првиот гол на мечот во 39.минута. Швеѓанецот изведе слободен удар, на патот до голот топката го закачи Оби Микел и заврши во голот на Куртоа.

Челзи израмни во последниот напад, во првиот дел, по корнерот на Вилијан, во мешаницата најдобро се снајде Оби Микел.

Победата на ПСЖ му ја додена Кавани во 79.минута. Уругваецот, кој пет минути претходно влезе во игра, доби топак во простор од Ди Марија, а потоа речиси од мртов агол го совлада Куртоа.

Бенфика и Зенит, во Лисабон, одиграа тврд натпревар, без речиси ниту една вистинска шанса за постигнување на гол.

Минимална предност на Бенфика и обезбеди Жонас кој погоди во 91.минута, откако една минута предходно Зенит остана со играч помалку поради исклучувањето на Кришито.

Возвратните натпревари во кои домаќини ќе бидат Челзи, односно Зенит, ќе се одиграат за две недели.