Македонија подигнува двојна ограда на границата со Грција

Македонија започна да подигнува двојна бодликава ограда на границата со Грција, заради полесно справување со приливот на илегални мигранти, потврди АРМ.

Image

Вториот заштитен бодликав обрач се подигнува покрај веќе постоечката ограда долж границата со Грција, која беше поставена во ноември.

„Работиме според препораките кои ги добиваме од надлежните институции. Идејата е да се спречи протокот на лица на кои не им е дозволено да поминат, односно да се насочуваат бегалците кон местото каде што се врши регистрацијата”, вели портпаролот на Генералштабот на АРМ, Тони Јаневски.

Новата ограда треба да биде поставена на местата на кои ќе се утврди дека има потреба од заштита, а засега не се знае колку ќе биде долга оградата.

Според македонското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годинава, од Грција во Македонија влегле околу 68.000 бегалци, а неделава, се очекува и зголемување на бројот на лица кои дневно трансферираат низ Македонија.