Медиумските реформи итен приоритет, Ван Хауте повикува на повторни преговори

По неуспехот на политичките партии да постигнат консензус во однос на преговорите за реформи во медиумите во четвртокот вечерта, белгискиот експерт и медијатор во преговорите, Питер Ван Хауте повикува на повторни преговори, со цел да се изнајде договор.

Image

Повиците на Ван Хауте доаѓаат во пресрет на проценката која се очекува во петок да биде соопштена од страна на амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, а која се однесува на тоа дали постојат услови за одржување на фер и демократски предвремени парламентарни избори на 24-ти април, датум кој е предвиден во рамките на Пржинскиот договор.

„Медиумските реформи остануваат итен приоритет. Предлагам да се вратиме на преговарачката маса“, напиша Ван Хауте на својот твитер профил. Во однос на последната рунда од преговорите, главната разлика помеѓу партиите овојпат бил составот на Агенцијата за медиумите.

„Не е постигнат договор во однос на медиумите. Понатамошни преговори не се закажани, освен ако тоа не го побараат партиите. Остануваме достапни за понатамошни дискусии“, напиша Ван Хауте на твитер по завршувањето на вчерашната рунда од преговорите за реформите во медиумите.