Пратениците го отфрлија предлогот за импичмент на претседателот Иванов

Со 35 гласови „за“ и 47 против, без ниту еден воздржан, пратениците во Собранието во вторникот попладнето по петдневна расправа не го усвоија предлогот од опозицијата за покренување постапка за утврдување на одговорноста на Претседателот Ѓорге Иванов, поради неговата одлука за аболиција на лицата во процесите кои произлегуваат од нелегално прислушуваните телефонски разговори, која подоцна под притисок на јавноста и партиите беше повлечена.

Image (10)

За да биде прифатен овој предлог, требаше да гласаат две третини од 123-те пратеници.

Опозицискиот СДСМ, чии пратеници го поднесоа предлогот за отповикување од должноста на шефот на државата, во изминатите денови образложуваше дека Иванов ја злоупотребил службената положба и прекршил повеќе уставни и законски одредби.

И пратениците од ДУИ, кој е дел од владината коалиција, сметаа дека Претседателот мора да понесе одговорност за помилувањето и треба да биде отповикан.