Мојсовски: Максимално сме фокусирани за да ја исполниме целта

Најдобрите македонски ракометари полека ги финишираат подготовките за настап на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, кој од 8. до 10.април ќе се одржува во Гдањск, Полска.

Image

Македонија против Полска, Тунис и Чиле ќе се обиде да стигне до историски резултат и да стане првата македонска репрезентација која настапила на најголемата спортска смотра.

Турнирот во Гдањск е втората и веројатно последна шанса на оваа генерација македонски ракометари да се пласираат на ОИ. Во 2010 година, Македонија не успеа да ја мине квалификациската група во која уште беа Шведска, Унгарија и Бразил.

Групата во Гдањск е полесна од онаа пред четири години и веројатно најлесната од квалификациските групи.

„Групата е малку полесна од другите но во олимписки квалификации нема лесни противници. Се подготвуваме за сите противници, првиот меч го ираме против Полска, која е домаќин и е фаворит во групата, но ние нема да излезема со бело знаме. Пред два-три месеци игравме на ЕП, несреќно загубивме со гол разлика. Сепак клучниот меч за нас ќе биде оној против Тунис, а против Чиле ќе треба да го потврдиме пласманот“, вели за Макфакс, еден од најискусните во националниот тим Наумче Мојсовски.

Средниот бек на Букурешт е свесен за големината на моментот, најавува максимална ангажираност против сите селекции. Со Тунис, Македонија има позитивно искуство од последното СП, а ракометарите имаат победа и над Чиле, во 2013 година.

„Повеќе нема лесни противници, ако некого потцениш ќе имаш проблеми, тоа и се покажа со Чиле во Шпанија. Се надевам дека овој пат нема да е така. Ние ќе бидеме максимално фокусирани на трите натпревари. Мора да одиграме максимално ангажирано за да ја исполниме нашата цел, пласман на Олимписките игри“, дополни Мојсовски.

Инаку, репрезентацијата во среда ќе одржи прес конференција во пресрет на квалификацискиот турнир, а за Полска ракометарите ќе заминат ден подоцна. На турнирот во Гдањск редослено ќе играат со Полска, Тунис и Чиле.