Научниците откриле траги за најстариот масовен масакр

Научниците откриле во Кенија скелети со траги од смртоносни повреди кои укажуваат на масовно убиство пред 10 илјади години, кога праисторискиот човек сè уште бил номад.

Image
„Тие остатоци сведочат за намерна ликвидација на мала група луѓе што барала храна. Тоа е единствен доказ за воените случувања меѓу ловците-собирачи во праисторијата“, нагласуваат научниците во истражувањето објавено во среда во магазинот Nature.

„Не ни сонував дека ќе пронајдеме траги за најстар масакр на светот“, рече Марта Миразо Лахр, антрополог на универзитетот Кембриџ, која ги водеше истражувањата.

Тимот пронашол остатоци од најмалку 27 лица, мажи, жени и деца, на полупустинскиот предел Натарука, во близина на езерото Туркане во северна Кенија.

Пред 10.000 години ова место, близу до водата, обилувало со фауна и било интересно за ловците-собирачи во потрага по храна.

Дел од тие човечки останки, стари меѓу 9500 и 10500 години се наоѓале на тоа подрачје.

Екипа научници веќе проучила 12 скелети, повеќе или помалку недопрени, од кои десет имаат траги на смртоносни повреди.

„На четири тела се пронајдени лузни настанати од стрелите“, рече Лахр.

На следните четири скелети се видливи траги на удари во черепот, а еден од нив имал стаклено шило во главата.

„Другите имале фрактури на нозете, рацете, колковите и сè упатува на повреди здобиени во војна. Најдовме и една млада жена која седи, со рацете прекрстени на нозете, со прекрстени нозе. Се чини дека во време на смртта била врзана. Била бремена“, раскажува антропологот.

Станувало збор за брутален смртоносен напад со намера да се убијат поединците кои не можеле да се бранат или кои можеби повеќе не им биле од полза, како трудниците или старците, вели Лахр.

„Мислам дека станувало збор за мала заедница во потрага по храна, која ненадејно е нападната“, рече Лахр.

Луѓето се развиле во Африка пред 200.000 години, а многу научници се прашувале кога почнале да војуваат. До сега се претпоставуваше дека судирите почнале да се случуваат откако луѓето престанале да бидат номади во потрагата по храна и почнале да основаат населби.

„Доказите од Натаурк го наметнуваат прашањето дали до тоа дошло многу порано“, рече Лахр.