Русија се загрева 2,5 пати побрзо од остатокот на светот

Русија се загрева два ипол пати побрзо од светскиот просек, што предизвикува се почести природни катастрофи, предупреди во петокот руското министерство за природна околина.

Image

Истражувањето на состојбата со природната околина во Русија во 2014 година покажала дека температурата растела во просек 0,42 Целзиусови степени по децении од 1976 до 2014 година, наспроти просечните 0,17 Целзиусови степени во остатокот од планетата.

„Климатските промени доведуваат до почести опасни метеоролошки феномени“, предупредува руското министерство за екологија во соопштението објавено на неговата интернет страница. Така, во Русија во 2014 година се забележени 569 временски непогоди, што е незапаметено во историјата, се предупредува во соопштението во кое како примери се наведуваат големите поплави на Алтај, на југот од Сибир.

Годинава министерството предупредува на недостигот од вода во басенот на Балкајското Езеро, чиешто ниво паднало под критичното, предизвикувајќи катастрофално зголемување на бројот на шумските пожари.

Министерот за вонредни состојби, Владимир Пучков, предупреди во октомври на топењето на сибирскиот пермафрост, што би можело да нанесе штети на тамошната енергетска инфраструктура. „Пермафростот, се повлекува, потресите се случуваат онаму каде што претходно ги немаше, се случуваат одрони на почвата и поплави“, предупреди.

Русија е четврти најголем загадувач на светот со 5 отсто од емисијата на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина, иако ваквата емисија ѝ стагнира последните пет години.