Нема центри во стартните петорки за Ол Стар викендот

НБА лигата објави дека се познати стартните петорки на Истокот и Западот, кои ќе го започнат Ол Стар мечот на 14.февруари во „Ер Канада Центарот“, во Торонто.

Image

Стартните петорки вообичаено се избираат според гласовите на фановите, а за овој Ол Стар, лигата реши да отстапи од вообичаените стандарди, односно петорки по принципот два бека, две крила и центар, па поради тоа Истокот и Западот во мечот ќе влезат не само без центри, туку и без крилни центри.

Промената на правилото, само покажа дека фановите многу повеќе ги сакаат бековите, што значи дека за топката на почетокот на мечот најверојатно ќе скокаат Леброн Џејмс и Кевин Дурент.

Инаку, најмногу гласови од фановите (1,9 милиони) доби Коби Брајант кој ја игра својата последна сезона во кариерата. Брајант во својата 20-та НБА сезона, ќе го има 18-то учество на натпреварот на Сите ѕвезди.

Покрај Брајан фановите во петорката на Западот ги избраа бековите на Оклахома, Кевин Дурент и Расел Вестбрук, најдобриот дефанзивец во лигата Каваи Ленард од Сан Антонио и во моментов најдобриот играч во лигата Стеф Кари од Голден Стејт.

Истокот мечот ќе го започне со Леброн Џејмс од Кливленд, Пол Џорџ од Индијана, Кармело Ентони од Њујорк, Двејн Вејд од Мајами и Кајл Лаури од Торонто.

 

Резервите кои ќе се појават на Ол Стар натпреварот ги избираат тренерите на НБА тимовите, а кој ќе игра во Торонто ќе биде познато на 28.јануари.