Нимиц: Бегалската криза прави притисок за решавање на спорот со името

Медијаторот во преговорите помеѓу Македонија и Грција за спорот со името, Метју Нимиц смета дека по изборите во јуни повторно ќе се создадат услови за решавање на тој проблем, додавајќи дека „бегалската криза го прави уште позначаен моментот за решавање на овој проблем и дека доколку тој беше решен, двете земји сега ќе беа партнери во ЕУ и НАТО и многу полесно ќе го надминеа проблемот со бегалците“.

Image

Во интервју за грчките медиуми, Нимиц додал дека се чувствува разочаран бидејќи еден голем период имало „празнина“, која не дозволувала да биде посветено доволно внимание на напорите за решавање на овој проблем.

„Сепак во последно време тоа беше надминато, контактите меѓу претставниците од двете страни се обновени и пронајден е вистинскиот тон за да биде рестартиран преговарачкиот процес“, истакнал посредникот, додавајќи дека сепак, повремено двете страни давале многу груби изјави.

„Разочарувачки е тоа што имаше период на остри изјави, но мислам дека вистинскиот тест за сериозни преговори ќе биде кога двете страни ќе седнат на маса и ќе се соочат едни со други во обид да изнајдат решение. Само на тој начин може да се постигне некаков напредок“,  потенцирал Нимиц.

Во однос на тоа кога преговорите повторно ќе се обноват, Нимиц рекол дека во моментов во Македонија има привремена Влада со мандат да организира избори на почетокот на јуни и изрази убедување дека ќе биде организиран неоспорен и фер избирачки процес, по што ќе биде формирана нова влада и дури потоа ќе се следат сериозни напори за решавање на овој проблем.