Обвинителството отворило истрага за случајот со невестата со пушка вработена во МВР

Скопје, 22 јули, 2016 – 11:33 (META) 
sekretarka-vo-MVR-Bitola

Надлежно јавно обвинителство отворило истрага за случајот со секретарката на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, од која, пред неколку дена, опозацискиот СДСМ објави фотографии на кои се гледа како таа пука од автоматска пушка на својата свадба, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Иако во соопштението на Јавното обвинителство не се наведени осомничени лица и повеќе конкретни детали, сепак повеќе од извесно е дека станува збор за овој случај.

„По написите во повеќе медиуми во кои се пишува за свадбената веселба на која е употребено оружје, како и за други настани на кои истото оружје е користено и каде има индиции и за евентуално сторени кривични дела, а во насока на информирање на јавноста, јавното обвинителство истакнува дека за овие настани веќе има отворено предмет пред неколку дена“, стои во соопштението на обвинителството.

Оттаму информираат дека во рамките на истражните дејства била испратена и наредба до Министерството за внатрешни работи „за понатамошно постапување“.

„Во насока на расветлување на настаните и утврдување на поседувањето, употребата на оружјето, како и можно вршење на други кривични дела, обвинителството презема дејства и е испратена наредба до Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување“, велат од обвинителството.

Потпретседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Дарко Каевски, во вторникот на прес-конференција објави фотографии од невеста со автоматска пушка, за која тврди дека е нововработената секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, Марија Ристовска-Калешковска, како пука на својата свадба.

Истиот ден, од СВР Битола за „Мета“ изјавија дека случајот ќе го испитува Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР.