Ол Стар: Победа на Западот, Вестбрук МВП, Коби замина во легендите – видео

Кошаркарските фанови, викендов, уживаа во 65-от Ол Стар викенд, а шлаг на тортата беше натпреварот помеѓу Истокот и Западот. Мечот лесно го добија играчите од Западната конференција 196:173, а целиот спектакл мина во знакот на Коби Брајант, кој последен пат играше на Ол Стар натпреварот.

Image

Фановите во Торонто, беа сведоци на последниот Ол Стар меч, кој во својата импресивна кариера го одигра Коби Брајант. Учесниците на натпреварот речиси се натпреваруваа кој ќе му укаже поголема почит на Коби.

А, Коби Брајант навистина уживаше во натпреварот. Не се замори премногу, тоа им го препушти на помладите, уживаше во минутите кои ги мина на теренот (постигна 10 поени).

„Беше навистина забавно. Имав чест да играм со овие момци, да се смејам и да се забавувам со нив на клупата“, рекол Коби.

На теренот блескаа пред сите Расел Вестбрук и Пол Џорџ. Вестбрук ја понесе МВП титулата, откако мечот го заврши со 31 поен, осум скока и пет асистенции, додека Пол Џорџ беше најефикасен со 41 поен.

Покрај Вестбрук, во тимот на Западот се истакнаа: Стеф Кари со 26, Ентони Дејвис со 24, односно Џејмс Харден и Кевин Дурент со по 23 поени.

Кај Истокот, покрај Џорџ, ефикасни беа уште Џон Вол со 18, Демар Дерозан со 18 и Андре Драмонд со 16 поени.