Пет бродови на НАТО во Егејот против криумчарите на луѓе

НАТО испрати пет воени бродови во мисија за надзор на мрежата на криумчарите на мигранти кои засега се групирани во близина на грчкиот остров Лезбос, изјави во четвртокот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Image

„Од изминатиот викенд го проширивме подрачјето на нашето дејствување, од сега сме и во грчките и во турските територијални води“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференција во Брисел заедно со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

„Во почетокот се концентриравме на зоната околу грчкиот остров Лезбос, но наредните денови и седмици планираме да одиме кон југ“, додаде Столтенберг.

Поради големата близина на турскиот брег, на островот Лезбос во текот на 2015 година се истоварија стотици илјади мигранти и лани стана главната точка за влегување на бегалците во Европа. Повеќе од 850.000 мигранти влегле во ЕУ преку Егејското Море.

„Во моментов има пет бродови на тоа подрачје, а следните денови ќе ги има повеќе“, најави Столтенберг, додавајќи дека бродовите ќе бидат опремени со хеликоптери и современа опрема за набљудување.

Столтенберг, покрај тоа, изрази задоволство од „вистинската и практичната соработка“ со европската агенција за границите Фронтекс, благодарејќи на што има размена на офицери во врска и размена на информации „во вистинско време“ собрани за активностите на криумчарските бродови кои ги има многу на турскиот брег.

„Тоа е важно, бидејќи бродовите на НАТО собираат информации, набљудуваат и извидуваат, тоа е важно и за грчката и за турската крајбрежна стража и за Фронтекс“, кои заеднички работата во таа област за да го спречат приливот и да го спречат давањето на луѓето, истакна Столтенберг.

Според податоците на ОН, 132.000 мигранти од почетокот на годинава го минале Егејското Море за да дојдат до ЕУ, а 440 се удавиле на овој пат кој често го минуваат на импровизирани пловила.