Работните групи не можат да ги договорат експертите за ДИК

Работните групи составени од партиски членови од четирите најголеми партии во земјава не можат да се усогласат околу имињата на тројцата експерти кои треба да бидат членови на Државната изборна комисија, во новиот состав, од кои треба и да се изберат и претседателот и заменикот на ДИК.

Image

Меѓународниот фактор инсистира на договор и функционирање на ДИК во нов состав,  а евроамбасадорот Аиво Орав предупреди дека сите рокови од договорот од Пржино се пробиени.

Белгискиот олеснувач, Питер Ванхауте, смета дека решение за избор на експерти за ДИК е можен.

Сепак, партиите на сите 40-тина кандидати за трите места гарантирани за експерти во ДИК им најдоа забелешки, но според најавите кругот е стеснет на десетина.

Се споменуваат имињата на универзитетскиот професор Стефан Буџаковски, адвокатот Билјана Георгиева, новинарот Горан Трпеновски, раководителот на собраниски служби Реџеп Прекопуца, Фатон Бејта и Феми Стафа, а тука е и Заге Филиповски, долгогодишен експерт за изборни прашања на ОБСЕ.

Рокот одамна е пробиен, а според Законот, доколку политичките партии не постигнат согласност, собраниската Комисија за избори и именувања треба да ги предложи тројцата кандидати за експерти во ДИК.

Речиси одлучено е кои ќе бидат партиските кандидати во ДИК, а тоа се од ВМРО-ДПМНЕ се Силвана Бонева и Сашо Срцев, од СДСМ – Виолета Дума и Игор Милев, од ДУИ – Субхи Јакупи и од ДПА Бедредин Ибраими.

Комисијата според договорот во Пржино ќе има зголемени ингеренции, но ќе одлучува и за секое вето на дополнителните заменици министри, ќе има ингеренции за прочистување на Избирачкиот список, ќе може да поведува прекршочни постапки и ќе поднесува кривични пријави.