Почина легендарниот Ерик Браун, пилот на 487 типови авиони

Легендарниот британски пилот Ерик Браун, кој во јануари наполни 97 години и беше најодликуваниот пилот во Кралската морнарица кој во својата летачка кариера летал на 487 различни типови авиони, починал во неделата објави BBC.

Image

Покрај сите одликувања, Ерик Браун, исто така, е и рекордер по бројот на слетувања на палубите на различни носачи на авиони. Капетанот Браун трипати е регистриран во Гинисовата книга на рекордите.

Роден во Лејт на 21-ви јануари 1919 година, Браун дипломирал на Универзитетот Единбург, каде што и научил да пилотира со авиони. Учесник е во Втората светска војна, кога летал на ловец. Својот прв лет го имал на осумгодишна возраст, кога неговиот татко, тогаш воен пилот за време на Првата светска војна, го земал момченцето со себе на лет со двокрилец.

Капетанот Браун ја напуштил службата во Кралската морнарица во 1970 година кога ја добил должноста челник на Консултативниот совет на пилотите на хеликоптери на Велика Британија. Подоцна во 1982 година, назначен е за претседател на Кралското воздухопловно друштво.

На почетокот од минатата 2015 година бронзена биста на легендарниот пилот Ерик Браун беше поставена во музејот на авијацијата на Кралската морнарица во грофовијата Сомерсет. Кога на 27-ми јануари го одбележа 97-от роденден, на прославата присуствуваа повеќе до сто пилоти.