Почнува екстерното тестирање за матурантите

Во понеделник почнува екстерното тестирање на матурантите, кое ќе трае од 25 до 29 јануари.

Image

Според податоците од Државниот испитен центар, екстерното тестирање ќе го полагаат 19.931 матуранти. Сите пријаветни матуранти ќе полагаат тестови по два предмета, а предметите за кои ќе бидат тестирани го дознаваат три дена пред денот на полагањето.

Од Државниот испитен центар изјавија дека прелиминарните резултати се очекуваат за 8 февруари. Незадоволните матуранти ќе имаат право да поднесат приговор до 10 февруари. Матурантите ги имаа прашањата по сите предмети од почетокот на оваа година.

Екстерното ќе се одржи и покрај иницијативата за негово преиспитување

Во септември минатата година беше подигната иницијатива за преиспитување на уставноста на екстерното тестирање, во која учествуваа околу 1.000 наставници, но истата заглави на Уставен суд, известува „Фактор“.

Имено, незадоволните наставници реагираа на односот на надлежните власти во поглед на екстерното тестирање, за кое беше најавена реформа со прифаќање на предлозите на сите чинители, но ветувањето остана неисполнето.

Наставниците и професорите од Наставничкиот пленум стојат на ставот дека е потребен нов модел на екстерно тестирање. Барање за нов модел на екстерното тестирање имаше и од Средношколскиот пленум, кој минатата година организираше протести и маршови за истата цел.