Предлогот за одговорност на Иванов пред пратениците

Предлогот за одговорност на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, поднесен од пратениците на СДСМ, поддржан од пратеничката група на ДУИ, во понделник, ќе биде разгледан на пленарна седница во Собранието.

Image

Комисијата за оценување го оцени предлогот како неоснован, а за да помине на пленарна седница, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници. Доколку Собранието го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.

Рената Дескоска од СДСМ при образложувањето на предлогот истакна дека основната причина за поднесувањето на Иницијативата е отсуството на секаква одговорност и арбитрарното однесување на актуелната власт.

Според предлагачите на импичментот, претседателот Иванов ги злоупотребил својата положба и овластувањата и ја пречекорил својата надлежност.

„СДСМ со оваа правно неиздржана иницијатива се обиде да ѝ нанесе удар и на последната институција во државава која не ја нападнаа, а тоа е Претседателот на РМ. Верувам дека тие не се ни свесни во каков лавиринт ја воведоа државата во време на безбедносни предизвици поради бегалската криза во која претседателот Иванов имаше голема улога за справување на земјата со бранот на бегалци“, рече Мукоски.

Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај Иванов ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Тој им порача на преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив. Потоа на 6 јуни, Иванов ги поништи и останатите одлуки за помилување.