Прекината окупацијата на резерватот во Орегон, еден загинат

Браќата Амон и Рајан Банди, предводници на тринеделната окупација на американскиот национален резерват во Орегон, уапсени се во вторник заедно со четворица свои приврзаници, а во судирот меѓу демонстрантите и полицијата едно лице е убиено, соопшти во среда наутро ФБИ.

Image
Акцијата за апсење ја започнале во вторник попладне ФБИ и државната полиција во Орегон. Едно лице е убиено, а ФБИ наведува дека не станува збор за полицаец.

CNN информираше дека во пукотниците е ранет Рајан Банди.

Станува збор за група вооружени мажи кои од почетокот  на јануари во периферниот дел на Орегон, во резерватот Малхеур, заземале владина зграда во знак на поддршка на двајцата ранчери на кои им се одредени затворски казни заради подметнување пожар.

Групата ја предводеа браќата Банди, чиј татко во 2014 година веќе беше во слична опсада заради располагање со државно земјиште.

Од почетокот ситуацијата ја следеше ФБИ, а целиот случај ги крена на нозе и десничарските активисти кои се противеа на вмешувањето на владата.