Путин и Елтон Џон може да се сретнат во мај во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин би можел да се сретне со британската поп ѕвезда Елтон Џон во рамките на неговата турнеја во Русија во мај, соопшти во понеделникот Кремљ.

Image

Рускиот претседател му се јави телефонски на пејачот ланскиот септември и му кажа дека дознал дека малку претходно го измамиле и лажно се претставиле во негово име двајца руски радиоводители познати по ваквите несолени шеги.

Путин на Елтон Џон тогаш му предложи да се сретнат за да разговараат за сите теми коишто го интересираат пејачот. Елтон Џон и претходно изрази желба да разговара со рускиот претседател за да му ја изрази својата загриженост во врска со правата на хомосексуалците во Русија.

„Кога телефонски разговараа пред неколку месеци…, се договорија дека ќе се сретнат во текот на престојот на Елтон Џон во Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Таква средба не може да се исклучи доколку ги добиеме точните датуми на неговото престојување тука, и доколку распоредот на претседател го дозволи тоа“, додаде.

Елтон Џон во рамките на неговата турнеја треба да одржи концерт во Москва на 30-ти мај, а пред тоа во Санкт Петербург, родниот град на рускиот претседател.