Велика Британија одобри генетска модификација на човечки ембриони

Велика Британија одобри генетска модификација на човечки ембриони во рамки на истражувачкиот проект во најраната фаза на човечкиот развој, со што ќе им помогне на научниците да разберат на кој начин ембрионот се развива во првите седум дена, пренесуваат агенциите.

Image
По помалку од една година откако кинеските научници го предизвикаа гневот на јавноста информирајќи дека успешно измениле ДНК на човечки ембрион,  докторката Кети Ниакан, експерт за матични клетки на лондонскиот Институт „Френсис Крик“, од регулаторните агенции побарала дозвола за генетско модификување на човечки ембриони.

Владината Комисија за хумано оплодување и ембриологија  соопшти дека барањето е одобрено во согласност со законот што дозволува експерименти врз ембрионите, кои би требало да бидат уништени во рок од 14 дена.

Во соопштението на Комисијата се вели дека ембрионите ќе се користат исклучиво во истражувачки цели и дека ќе се следат првите седум дена од развојот на оплоденото јајце.

Доктор Ниакан во истражувањето ќе користи техника на геномско уредување CRISPR-Cas9, која од претходно е предмет на остра меѓународна расправа заради стравот дека би можела да се искористи за генетска манипулација со човечки ембриони и за „креорање на дизајнирани деца по нарачка“.

Во истражувањето би требало да се користат само донирани ембриони, кои настануваат како вишок при постапката на вештачко оплодување.

„Др. Ниакан вели дека истражувањето на ембрионите е важно за што подобро да се свати во која мерка човечкиот ембрион здраво е развива и да овозможи подобро да се разбере успешноста на вештачкото оплодување, со проучувањето на ембрионите во најраната фаза од развојот“, рече Пол Нурс, директор на Институтот „Френсис Крик“.