Реал го отпушти Бенитез, нов тренер е Зидан

Шпанскиот фудбалски гигант Реал Мадрид во понеделникот го отпушти тренерот Рафаел Бенитез откако мина само половина сезона на клупата на „кралскиот“ клуб, а на негово место е поставен еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и играчка ѕвезда на мадриѓаните Зинедин Зидан, објави претседателот на Реал, Флорентино Перез.

Image

Перез одлуката за раскинување на соработката со Бенитез ја објави на прес-конференција по состанокот на Управниот одбор на Реал Мадрид

Бенитез со Реал имаше договор до јуни 2018 година, но одработи само шестина од договорената соработка, а отказот го доби ден по ремито (2-2) против Валенсија во 18-то коло од шпанската Примера, по што „кралевите“ заостануваат зад градскиот ривал Атлетико четири бода, а зад второпласираната Барселона, која има и меч помалку, два бода.

Бенитез од клупата на десеткратниот шампион на Европа заминува поради притисокот кој се создаде веднаш по домашниот пораз против најголемиот ривал Барселона од 0-4, кон крајот на ноември.

„Донесовме тешка одлука, го раскинавме договорот со Бенитез, за мене тоа е особено тешка одлука. Управата одлучи да го именува Зидан за нов тренер. Тој е една од најголемите фигури на фудбалот Свесен е што значи комплицираната клупа на Реал Мадрид и ги познава овие играчи. Во текот на животот беше изложен на големи фудбалски предизвици“, изјави Перез.

Зидан беше помошник на Карло Анчелоти кој со Реал ја освои Лигата на шампионите во 2014 година, по што ја водеше екипата на Кастиља, подмладокот на Реал Мадрид која се натпреварува во третата шпанска лига што му е првиот тренерски ангажман. Во октомври истата година беше суспендиран од Шпанскиот фудбалски сојуз, бидејќи ја водеше екипата без тренерска лиценца потребна во Шпанија, но во мај 2015 година се врти во Кастиља со лиценца на УЕФА.

„Му благодарам на клубот и на претседателот на можноста да ја водам оваа екипа. Ќе настојувам оваа година да освоиме нешто, тоа мораме да го сториме. Утре ќе бидам со тимот и ќе работиме. Чувствувам повеќе емоции отколку кога потпишав овде како играч“, реле на прес-конференцијата поранешниот француски репрезентативец кој за Реал Мадрид играше од 2001 до 2006 година/

Бенитез летоска дојде во Реал Мадрид за да го замени Анчелоти кој лани го освои Европскиот суперкуп и Светското клупско првенство, но и најважните титули како на пример првак на Шпанија, која ја понесе Барселона. Претходно ги водеше Наполи, Челзи, Интер, Ливерпул и Валенсија.