МВР проверува кој го направил лажниот профил на Фатиме Фетаи

Министерството за внатрешни работи проверува кој го направил лажниот профил на обвинителката која е дел од тимот на Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи.

Image

Министерството побарало социјалната мрежа, Фејсбук да го укине профилот.

И Специјалното јавно обвинителство на официјалната Фејбук страница во недела објави дека обвинителката нема свој профил на Фејсбук и дека сите профили и фан страници кои се појавија на социјалната мрежа се лажни.

„На социјалната мрежа facebook се појавија страни за поддршка на јавни обвинители од ова Јавно обвинителство и лажни профили, кои не се креирани од наша страна и не се под наша контрола. Во оваа насока Ве информираме дека исклучиво ставовите изнесени преку оваа страна се наши официјални ставови и се оградуваме од сите други ставови изнесени на лажните профили и страните за поддршка. Воедно Ве известуваме дека обвинителката Фатиме Фетаи нема свој профил“, соопштија од СЈО

По прес конференцијата што се одржа во Специјалното јавно обвинителство во петокот на социјалните мрежи се појавија фан страници за обвинителката Фатиме Фетаи.

Голем дел од јавноста беше воодушвена од настапот на обвинителката која соопшти дека ова обвинителство побарало притвор за осум лица меѓу кои и високи функционери на власта.

Дел од медиумите, пак, објавија дека преку фан страниците обвинителката се заканувала.