Рутинска победа на Германија над Украина

Во вториот натпревар од првото коло на Групата Ц на европскиот фудбалски шампионат во Франција, селекцијата на Германија ја совлада Украина со 2-0, со головите на Шкодран Мустафи во 19 и Бастијан Швајнштајгер во втората минута од судиското продолжување.

Image
Статистика по мечот покажа дека иако Германците повеќе ја имаа топката во своите нозе, особено во поголемиот дел од првото полувреме и таа надмоќност ја крунисаа со голот на Мустафи, Украинците создадоа повеќе добри прилики пред голот на Ноер.

Малку кон средината на првиот дел Ракицки го фаулираше Милер на десната страна, а нафрлувањето на Крос го прифати со глава Мустафи кој ја искористи задоцнетата реакција на Сидорчук. Освен голот, Германците во првото полувреме создадоа само уште една шанса кога повторно Крос со длабочинска топка го пронајде Кедира кој во трк влезе во противничкиот шеснаесетник но аголот одлично му го скрати украинскиот голман Пјатов.

Украинците, пак, трипати сериозно се заканија, но двапати нивните обиди одлично ги спречи Ноер, а кога тој веќе беше совладан од гол-линијата топката ја исфрли Џером Боатенг. Германскиот гол беше загрозен уште во 4 минута од Конопјанка, кој шутираше од работ на шеснаесетникот под пречката, а Ноер ја изби топката во корнер. Во 27 минута Ноер уште еднаш, овој пат удар со глава, извади од под пречката. Украинците најблиску до израмнувањето беа во 37 минута, кога Конопјанка остана сам во противничкиот шеснаесетник, но недоволно добро ја зафати топката па иако го совлада Ноер, Боатенг успеа да спречи топката да ја мине гол линијата.

Во второто полувреме германските фудбалери без особен напор ја контролираа играта, но не успеваа да создадат зрела шанса за вториот гол за да ги отстранат дилемите околу победникот. Украинците, пак, иако резултатот им го наложуваше тоа, во второто полувреме не успеаја ниту еднаш сериозно да го загрозат противничкиот гол.

Победата на Германија ја потврди штотуку влезениот во игра Швајнштајнгер кој доби одличен центаршут од Озил.

Во првиот меч од Групата Ц претходно во неделата, Полска во Ница со 1-0 ја совлада Северна Ирска.