САД упорно ја отфрлаат одговорноста на смртта на двајцата српски дипломати во Либија

Смртта на двајцата српски службеници во Либија веројатно не настапила во текот на американското бомбардирање во петокот на позиција на која се наоѓал челник на екстремната сунитска организација Исламска држава, соопшти во средата Пентагон.

Image

„Информациите коишто ги поседуваме не ги поткрепуваат тврдењата на Белград дека двајцата Срби загинале во бомбардирањето“, изјави портпаролот на американското министерство за одбрана, Џеф Дејвис.

Дејвис изјави дека на телата на двете жртви, маж и жени, чии фотографии се објавени на социјалните мрежи, морале да бидат видливи многу поголеми повреди доколку навистина настрадале во американското бомбардирање, кое нанело големи штети. „Тие фотографии не покажуваа повреди кои би ги очекувале од бомбардирање со таа сила“, изјави портпаролот на Пентагон прецизирајќи дека продолжуваат да ги проучуваат информациите кои ги поседуваат.

Двајцата службеници на српската амбасада, Слаѓана Станковиќ и Јовица Степиќ беа грабнати во либискиот град Сабрата на 8-ми ноември, при напад врз колона возила во која бил и амбасадорот на Србија Оливер Потежица. Сабрата се смета за едно од упориштата на екстремистите во Либија, каде безредието по соборувањето на режимот на Муамер ел-Гадафи привлече радикални екстремисти и џихадисти.

Американското министерство за одбрана потврди дека неговите воздухопловни сили извршиле воздушни напади, наведувајќи дека целата бил камп за обука на Исламската држава во Сабрата. Според Пентагон, целта претставувала опасност за САД. Во нападот загинале 49 луѓе, најголем дел Тунижани кои се наоѓаат во соседна Либија.

Српскиот премиер Александар Вучиќ рече дека во саботата разговарал со претставници на американските служби, но „според сé судејќи, тие немале сознанија“ дека и двајцата Срби како и уште неколку странци, се на локацијата којашто е бомбардирана. Веста за загинувањето на српските дипломати во американското бомбардирање, инаку ја објави либискиот весник LibyaHerald, кој објави фотографии од разорното бомбардирање.

Американските функционери потврдија дека нивните воздухопловни сили го извршиле нападот врз посочената локација, но се сомневаат дека Србите и другите цивил биле жртви, истакнувајќи дека американските беспилотни летала со седмици ја следеле таа позиција и не забележале присуство на цивили.

Во средата директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Џон Бренан, одби да ја потврди смртта на една од целите на тој воздушен напад, Нуредин Шушани, алијас Сабир, високо рангиран челник на Исламската држава, кој е одговорен за нападите во Тунис од минатата година.