СДСМ отвори телефонски број за пријавување нерегуларности во избирачкиот список

Опозициската партија СДСМ отвори телефонска линија на која граѓаните можат да пријават неправилности во избирачкиот список, а потоа нивни правен тим ќе ги проследи пријиавените неправилности до Државната изборна комисија.

Image

„Од денеска граѓаните ќе можат да пријават нерегуларности во избирачкиот список на директниот телефонски број: 02/ 3293-109. Потоа правниот тим на СДСМ ќе ги проследи овие пријави во соодветна законска форма до Државната изборна комисија“, велат од СДСМ.

Според нив, јавноста секојдневно се запознава со нови и нови примери за хаосот во избирачкиот список.

„Огромниот број на лица, запишани на иста адреса и фантомските гласачи го потврдуваат она што СДСМ го говори цело време, дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ спроведувале криминални избори. Секој нов пример отвора нови нелогичности, нови сомнежи. На една адреса во Скопје каде што се запишани вкупно 66 лица, еден гласач, со исто име и презиме е запишан и на адреса во Ресен и на адреса во Демир Хисар. На друга адреса во Скопје кадешто се запишани вкупно 30 лица, двајца гласачи од таа адреса со исти имиња и презимиња фигурираат и на адреса во ресенско“, стои во соопштението на СДСМ.

Според нив, прочистен, кредибилен избирачки список е еден од предусловите за фер и демократски избори во Македонија.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги охрабрува граѓаните да продолжат да го проверуваат избирачкиот список и да го искористат законското право да пријават неправилности до Државната изборна комисија“, велат од таму.