Сите прават анкети, ама ги кријат рејтинзите

Скопје, 27 септември, 2016 – 11:05 (META) 
luge

Неполни три месеци пред предвремените парламентарни избори, во јавноста нема ниту една анкета што ќе го покаже рејтингот на политичките партии. Изборниот законик предвидува дека анкети на јавното мислење за изборните резултати може да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на одржување на изборите.

Аналитичарите и истражувачите се согласни дека политичките партии континуирано прават анкети за рејтинзите, но не ги објавуваат јавно туку ги користат за интерна употреба.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека овој предизборен период ќе биде поинаков од претходните изборни циклуси и дека тој ќе почне подоцна од вообичаеното.

– Мислам дека овој предизборен период ќе почне многу подоцна за разлика од претходните избори што сме ги имале. Јавни анкети нема, туку партиите нарачуваат истражувања на рејтинзите само за интерна употреба. Но, не недостигаат само анкети во јавноста, партиите ги нема ни на терен ниту, пак, се активирани општинските организации. Тоа се должи на фактот што партиите мислат дека овие избори нема да ја решат кризата – вели Арсовски.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) вели дека работат на предизборна анкета која најверојатно ќе биде објавена во октомври.

– Уште е рано за предизборни анкети и за рејтинзи на партиите. Ние ќе објавиме една анкета, најверојатно во октомври, а ќе видиме дали ќе имаме финансии за две анкети пред изборите. Доколку имаме, ќе објавиме уште една, најверојатно во ноември – вели Владимир Божиновски.

Анкети пред избори ќе има, партиите нарачуваат и сега, но ги користат за нивна партиска употреба и за стратегија, вели Башким Бакиу од Институт за креирање политики и добро владеење.

– Последните направени анкети што ги објавивме беа пред летото. Моментално правиме анкети на разни теми и тие ќе бидат објавени во периодот што следува. Нашиот институт најчесто право прави анкети, а потоа ги продава на партиите. Засега немаме нарачки од политичките партии за анкети што го мерат нивниот рејтинг, но убеден сум дека во периодот што следува, пред изборите, ќе има. Обично анкетите што ги нарачуваат партиите потоа ги користат за интерна употреба, а не ги објавуваат – додава Бакиу.

Меѓународниот републикански институт (ИРИ) кој прави неколку истражувања на јавното мислење во текот на годината на повеќе теми, нема најави за предизборна анкета со рејтингот на политичките партии во Македонија.

– Засега немаме во план анкета што би ја објавиле пред претстојните парламентарни избори кои се закажани на 11 декември – вели Илина Мангова, претставник од ИРИ во Македонија.

Според последната анкета на ИРИ, која беше објавена на 9 јуни, 27 отсто од испитаниците се изјаснале дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ, 23 биле без одговор, за ДУИ се одлучиле 6 отсто, за ДПА – 3 отсто, а ливчето би го поништиле 9 отсто од анкетираните.

tabela2

                                                 Рејтинг на политичките партии во последните четири анкети на ИРИ