Случај Charlie Hebdo: На полицајци и новинар ќе им се суди за прерано објавување на идентитетот на напаѓачите

На две полицајки, на новинар и на поранешен агент на француската разузнавачка служба ќе им се суди поради тоа што на социјалните мрежи прерано го објавиле идентитетот на браќата Куаши на самиот ден на нападот во редакцијата на парискиот сатиричен весник Charlie Hebdo на 7-ми јануари 2015 година, објавија во петокот извори од француското правосудство.

Image

На двете полицајки ќе им се суди поради одавање професионална тајна, за што им се заканува казна од една година затвор и глоба од 15.000 евра, пренесува AFP повикувајќи се на државното обвинителство во Париз.

Жените работеле во јавната безбедност во два града во внатрешноста на Франција, рекол неименуван полициски извори, и не им припаѓале на службите задолжени за истрагата за масакрот во редакцијата на Charlie Hebdo кога беа убиени 12 луѓе, меѓу кои двајца полицајци, во времето на извршување на делото.

Тие се осомничени дека фотокопии од личните исправи на браќата Куаши предале на поранешниот агент на француската надворешна разузнавачка служба DGSE, Пјер Мартенет, кој работел тогаш како приватен детектив и на својот профил на Facebook ја објавил потерницата по двајцата напаѓачи и нивниот наводен помагач. Тој подоцна беше ослободен како осомничен, но неговото име извесно време потоа циркулираше на социјалните мрежи.

Едно друго лице, многу активно на социјалните мрежи, фоторепортерот Жан-Пол Неиј, на микроблогот Twitter објавил фотографија на Саид Куаши со лична карта, потерница и картон со податоци за Шериф Куаши.

На Пејр Мертенет и на Жан-Пол Неиј ќе им се суди поради одавање професионална тајна, прецизирал соговорникот на агенцијата.

Парискиот државен обвинител Франсоа Молен истакна дека поради изнесување на податоци во јавноста тогаш „изостана ефектот на изненадување“. Официјалната потерница била објавена во три часот утрото.

Истрагата доверена на Главниот инспекторат на државната полиција (IGPN), која се третира како полиција во полицијата, не довела до името на оној кој на двете полицајки им ги дал фотокопиите од документите на браќата Куаши.

„Слободата на информирањето претставува право, но не е апсолутно право. Тоа право мора да има одредени утврдени граници поврзани со човековите права и со текот на истрагата, во прв ред со прашањата од безбедноста и достоинството на жртвите“, порача во петокот обвинителот Молен.

Терминот за почетокот на судскиот процес сé уште не е утврден. Би можел да започне налето, рекол за AFP правосуден извор.