Сообраќајната несреќа кај Демир Капија е информативна несреќа во известувањето

Скопје, 5 август, 2016 – 10:12 (META) 
collage-soobrakajka-860x680

Почината скопјанка, починат маж, дете без повреди, дете во критична состојба, повредени три лица, сообраќајка помеѓу возило и автобус, сообраќајка меѓу две возила и автобус…

Ова се варијациите на ист настан, за кој речиси сите медиуми, а особено портали, во трката за ексклузивна и првообјавена информација, потфрлија да известат точно, јасно, прецизно и, што е најважно, проверено од релевантни институции, пишува во новинарската лекција на „Сервис за проверка на факти од медиумите“.

По објавувањето на првичната вест за сообраќајката, почнува објавувањето шпекулации и непотврдени информации. Еден медиум презема од друг, додава нешто непроверено и сосема ја менува првичната информација.

Во борбата за кликнувања, ништо помалку сензационализам не недостига и во насловите на вестите. „Кобно утро“, „Трагедија“, „Родителите му починаа“, „Бабата и дедото бдеат над внукот“, „Остана сираче“ – тоа се само дел од непотребните „зачини“ на веќе непроверените вести, кои само служат за да ги привлечат читателите да кликнат на тој текст, кој повеќе нуди сеирџиство отколку точна информација.

Редоследот на објавените написи создаде вистински информативен хаос, кој на читателите не им овозможува вистински да се информираат.

Ретко кој од медиумите навистина побарал потврда и дополнителни информации од институциите пред да стисне „објави“ на напишата вест, која е речиси целосно препишана од друг медиум.

Точна вест можеше да се прочита во медиумите откако официјално соопштение во врска со несреќата испрати Основното јавно обвинителство – Гевгелија, речиси шест часа по несреќата. Шест часа полни со дезинформации, шпекулации и со сензационализам.

Но, и откако официјална институција се огласи со вистинската верзија на настанот, ниту еден медиум не објави исправка и демант на објавените неточни информации, туку од соопштението направија нови вести, заборавајќи на старите и погрешни текстови со кои ја дезинформираа јавноста.

Слична беше ситуацијата и со несреќата што се случи вчера во езерото Калиманци. Во недостиг од официјални информации, медиумите наголемо и нашироко шпекулираа со бројот на жртви, причината за несреќата, но и со причините за настанување на смртта кај жртвите.