Убиен напаѓач врз полициски комесаријат во Париз

Во четвртокот, на годишнината од исламистичкиот напад врз редакцијата на сатиричното списание Charlie Hebdo, маж вооружен и со појас на бомбаш самоубиец со извиците „Алаху Акбар“ (Господ е голем) се обидел да продре во зградата на полицискиот комесаријат на 18-от арондисман на северот од француската престолнина Париз, при што е застрелан од полицајците, пренесуваат француските медиуми.

Image

Од медиумските извештаи засега нејасно е дали досега неидентификуваниот маж се обидел во полициската станица да влезе вооружен со нож или со пиштол.

Исто така, пиротехничарите утврдиле дека и ткн „појас на шехидите“ бил лажен, односно немало во него опасни експлозивни средства, пренесува телевизијата BFMTV.

Министерот за внатрешни работи Бернар Казнев веднаш се упатил на местото на нападот во северниот дел од Париз. Целата област е обезбедувана од силни антитерористички единици, пренесува AFP.

Само еден час пред инцидентот, францускиот претседател Франсао Оланд беше во посета на централната префектура на париската полицијата, каде што им оддаде признание на припадниците на полицијата кои загинаа точно пред една година на должност во текот на нападот на исламистите врз редакцијата Charlie Hebdo..

Во нападот на редакцијата Charlie Hebdo на 7-ми јануари 2015 година, двајца напаѓачи провалија во редакцијата на неделникот и отворија оган врз луѓето присутни во тој момент во редакцијата, при што беа убиени 12 луѓе, од кои двајца полицајци. Нападот беше изведен како одмазда за објавување на карикатурите на пророкот Мухамед, што во исламот се смета за богохулство.