Уметничка приведена за голотија во музејот Орсе

Луксембуршката уметница Дебора де Робертис е приведена поради егзибиционизам откако во саботата среде ден во парискиот музеј Орсе се испружи сосема гола пред делото „Олимпија“ на Моне, имитирајќи го моделот од познатото масло на платно.

Image

Во саботата попладнето, додека посетителите уживале во последниот ден од изложбата којашто во Орсе се одржува од октомври под насловот „Сјај и беда. Слики на проституцијата 1850 – 1910“, уметницата ја соблекла облеката и гола се испружила под познатото дело на Едуар Моне, изјави за новинарите нејзиниот адвокат Тефик Бузенун. Додаде дека Дебора де Робертис со себе имала и камера за да ги сними реакциите на посетителите. „Станува збор за уметнички перформанс“, појасни адвокатот.

„Пред платното имало многу луѓе, но нашите вработени одлично реагираа. Веднаш ја затворија просторијата, госпоѓата ја замолија да се облече, но бидејќи таа одби, повикана е полицијата која ја одведе“, изјави за AFP портпаролката на музејот Орсе, додавајќи дека управата на музејот вложила тужба поради сексуален егзибиционизам.

Инаку не е првпат Дебора де Робертис да изведува контроверзни уметнички перформанси во јавноста, особено во музејот Орсе. Во мај 2014 година, уметницата дојде пред сликата на Гистав Кубер „Потеклото на светот“(L’Origine du monde) ги слече гаѓичките, ги рашири нозете и седна пред овој и самото контроверзно реалистично уметничко дело, имитирајќи го моделот од сликата.

Управата на музејот и тогаш ја тужеше уметницата. Нејзиниот адвокат смета дека таквиот потег е сосема несоодветен. „Да се притвори уметница…, тоа е многу лоша порака за другите уметници кои сакаат на послободен начин на јавно место да изведат некој перформанс“, смета Бузенун.

Темата на изложбата во Орсе ја истражуваше уметничката фасцинација од процутот на проституцијата во XIX век во рамките на првата голема изложба посветена на оваа тема на којашто беа изложени делата на француски и странски сликари, како Едуар Моне, Едгар Дега, Анри Тулуз Лотрек и Винсент Ван Гог.